Советот на родители на ООУ„Димитар Миладинов“ – Скопје, Центар на својот состанок на ден 26.10.2023 год. донесе:
Деловник за работа на совет на родители на
ОУ Димитра Миладинов, Скопје, Центар
I ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Деловник поблиску се уредуваат определени прашања поврзани со организацијата и начинот на работа на совет на родители од ОУ Димитар Миладинов и тоа: конституирањето, целите и надлежностите, правата и должностите на членовите и на претседателот на Советот на родители, начинот на работата на Советот на родители, текот и работата на седниците, одлуките на Советот на родители, координацијата и комуникацијата на Советот на родители, транспарентноста во неговата работа, измените на Деловникот, како и други прашања од значење за работата на Советот на родители.
Член 2
Советот го сочинуваат претставници на сите паралелки во училиштето (во натамошниот текст: членови).
II KОНСТИТУИРАЊЕ
Член 3
- Првото свикување на Советот на родители го врши директорот на училиштето. Директорот претседава со конститутивната седница до изборот на претседател на Советот.
- Советот на родители се формира на почетокот на учебната година.
- Член на Советот се станува со избор на претставник во одделението.
- Секој член има и заменик. Во случај на спреченост на членот, на седницата присуствува неговиот заменик кој ги ужива истите права и обврски.
- Бројот на членовите на Советот на родители зависи од бројот на паралелки во училиштето.
- Претставникот од секоја паралелка го избираат родителите на првата средба со родители на почетокот на учебната година со мнозинство гласови од вкупниот број на родители на учениците од паралелката.
Член 4
Конститутивна седница
- Конституирањето на Советот на родители се врши на првата негова седница која ја свикува и води директорот на училиштето, сите наредни седници на Советот ги води претседателот.
- На конститутивната седница на Советот на родители се избира претседател на Советот на родители од редот на членовите со јавно гласање.
- Претседателот е избран ако добил мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
- Ако се предложени повеќе кандидати за претседател, избран е кандидатoт кој добил најмногу гласови од мнозинството гласови од вкупниот број на членови на Советот.
- Претседателот има свој заменик, кој се избира со јавно гласање и за кого гласале мнозинството од вкупниот број на членови на Советот според одредбите од овој Деловник.
- На конститутивната седница на Советот на родители се избира записничар кој се избира од редот на Советот на родители.
- Со избор на претседателот, неговиот заменик и записничар, конститутивната седница на Советот се смета за завршена.
III ЦЕЛИ И НАДЛЕЖНОСТИ
Член 5
Цели
Советот на родители има примарна цел да обезбеди активно и продуктивно учество на родителите во процесот на одлучување и работата на училиштето. Ова не само што ги вклучува родителите во образовниот процес, туку и овозможува директна комуникација помеѓу нив и училиштето.
Советот на родители не само што работи за подобрување на квалитетот на образованието, туку и активно се ангажира за создавање на позитивна и поддржувачка средина за сите ученици. Ова вклучува создавање на безбедна и стимулативна средина за учење, како и обезбедување на ресурси кои ги поддржуваат учениците во нивното академско развивање.
Член 6
Надлежности
Советот на родители треба :
- Да преземе активности за утврдување на приоритетни задачи и активности кои ќе ги реализира во текот на учебната година. Постапката за утврдување на приоритетни задачи, активности и проблеми подразбира прибирање предлози од родители во паралелките во кое можат да се вклучат и наставниците или стручната служба од училиштето. Од добиените предлози се составува предлог листа од која се бираат приоритетни задачи и активности.
- Да ги согледа вистинските потреби, состојби и проблеми во училиштето, и нуди предлог решение за истите.
- Дава мислење за предлог Годишната програма на училиштето.
- Расправа за Извештајот за работата на училиштето, како и за подобрување на успехот и поведението на учениците.
- Предлага програми за подобрување на стандардите во наставата.
- Дава согласност на предлозите на директорот за воведување на повисоки стандарди.
- Избира тројца претставници во Училишниот одбор, со непосредно и тајно гласање.
- Советот на родители може да формира комисии кои ќе извршуваат одделни задачи во надлежност на Советот.
- Составот на комисиите, нивните задачи и рокот за нивно извршување го утврдува Советот.
- Членовите на Комисиите за својата работа се одговорни само пред Советот.
- Градењето партнерства на Советот на родители започнува во училиштето преку развивање на соработка со наставниците, со стручната училишна служба и со директорот.
- Заради поуспешно остварување на своите цели, Советот на родители може да воспостави партнерства на ниво на локална заедница, но и пошироко во државата и во странство.
- Советот на родители може успешно да соработува и склучи партнерства со Советот на родители на други училишта од локалната заедница заради реализација на заеднички активности, проекти или разрешување на одредени проблеми.
- Соработка со институции на локалната власт.
- Соработка со НВО кои поддржуваат и реализираат активности од областа на образованието, (пример: активности за унапредување на здравјето на учениците и превенција на зависности – трибини и предавања).
- Партнерства со јавни и приватни претпријатија со цел барање поддршка при реализација на одредени активности.
- Се вклучува во организирање на јавниот и културниот живот на учениците, спортски и други манифестации, аштита на животната средина во училиштето и надвор од него.
- Ги организира другите родители за учество и реализација на јавниот и културниот живот во училиштето.
- Ги ангажира родителите за собирање донации за обновување на инвентарот, опремување на училиштето, помагање на учениците социјални случаи.
- Активно учествува во реализација во меѓуучилишната соработка во градот и надвор од него.
- Дава предлози и мислења до Советот на наставници и до Училишниот одбор за други прашања кои се од интерес за учениците и училиштето.
- Преку доброволно (волонтерско) ангажирање да се вклучат во реализација на различни училишни активности во следните подрачја од работата на училиштето: настава, воннаставни активности, грижа за здравјето на учениците, соработка со локалната заедница и да дадат свој придонес според нивните можности, способности и интереси.
- Да им помагаат на наставниците во работата со учениците во училиницата и училиштето
- Разгледува жалби на родителите во врска со воспитно-образовната работа.
- Да организираат и да даваат поддршка на различни училишни акции, манифестации, училишни презентации, кампањи и сл.
IV ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ
Член 7
- Членот на Советот на родители се назначува со мандат од три учебни години.
- Членовите на Советот на родители имаат свои заменици под услов тие да се од истото одделение од кој е претставникот.
- Членот на Советот на родители има право и должност да присуствува на седниците на Советот на родители и активно да учествува во работата и одлучувањето.
- Членот има должност до претседателот да доставува пишани предлози и одлуки, како и пишани материјали за изработка на годишната програма за работа на Советот.
- Членот кој е спречен да присуствува на седница благовремено го известува претседателот.
- Секој член е должен да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно, да ги почитува начелото на законитост, начелото на еднаквост, начелото на јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кој било со целосно почитување на јавниот интерес.
Член 8
За да се обезбеди непречена работа на Советот, членовите имаат право да ги користат просториите на Училиштето за извршување на своите права и должности.
Член 9
Членот на Советот на родители има право на седниците на Советот:
- да предлага избор и разрешување на претседател.
- да бира и да биде избран за претседател или заменик-претседател на Советот.
- да одлучува за прашањата за кои расправа Советот.
- да изнесува предлози и мислења за состојбите и да му предлага на Советот заземање ставови за тие предлози и мислења.
- да дава иницијативи за донесување на одлуки од надлежност на Советот и да поднесува предлози на одлуки.
- да предлага претресување на прашања, појави и состојби од надлежност на Советот родители што се од значење за областите од членот 5 и 6, како и од значење за училиштето.
Член 10
Судир на интереси на членовите на Советот на родители
- Членот на Советот на родители не може да учествува во процесот на одлучувањето во случаи кога постои судир на интереси.
- Под судир на интереси се подразбира состојба во која членот на Советот на родители има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасноста на неговата работа.
- За ситуацијата од ставот (1) на овој член, членот на Советот на родители е должен веднаш и без одлагање да ги извести претседателот и Советот на родители.
Член 11
Престанок на членство во Советот на родители
- На членот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е назначен:
- ако поднесе оставка.
- ако иницијатива за негово разрешување е усвоена од мнозинството од вкупниот број членови на Советот на родители и потврдена од претседателот.
- На членовите – родители од Советот на родители на училиштето функцијата им престанува доколку нивното дете своето образование го продолжи во друго училиште.
- Функцијата на член на Советот на родители престанува и по лично барање на родителот.
- Секој член може да покрене иницијатива за разрешување на член на Советот на родители.
- Во случај на отповикување на член или престанок на функцијата по друг основ се врши избор на нов член на Советот.
Член 12
Оставка од Советот на родители
- Членот на Советот на родители има право да поднесе писмена оставка и да ја образложи, која може да се поднесе електронски до претседателот, членовите и до директорот.
- Оставката може усно да се поднесе и образложи на самата седница на Советот на родители.
- По поднесувањето на оставката, Советот на родители на самата седница или првата наредна седница, без расправа, констатира престанок на мандатот на членот на Советот на родители.
Член 13
Разрешување на член на Советот на родители
- Кога член на Советот на родители трипати едноподруго ненајавено отсуствувал од седниците на Советот на родители, а притоа не бил дојден ни неговиот заменик, претседателот покрева иницијатива пред членовите на Советот на родители, со цел да ги утврди причините за отсуството и да утврди дали постојат услови за разрешување на членот на Советот на родители.
- Советот на родители со мнозинство од вкупниот број на членови на Советот на родители одлучува за отповикување на мандатот на членот на советот.
V ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
Член 14
- Со Советот на родители раководи претседател.
- Претседателот се избира со мандат од три години со право на реизбор.
- Претседателот го претставува Советот на родители и врши други работи, а особено:
- ги свикува и раководи со седниците на Советот на родители.
- предлага дневен ред за седниците на Советот на родители.
- се грижи за организацијата и работата на Советот на родители.
- ги потпишува одлуките и записниците на Советот на родители и ги доставува до членовите на советот на родители.
- дава иницијатива за претресување одделни прашања од делокругот на Советот на родители.
- ја поттикнува и помага соработката со училиштето и со други институции и организации.
- се грижи за примената на Деловникот.
- Врши и други работи определени со овој Деловник.
- Во случај на отсуство на претседателот, седницата ја води неговиот заменик.
Член 15
Одржување на редот
- За одржување на редот на седниците се грижи претседателот.
- Против членот на Советот на родители кој го повредува редот може да се изречат следните мерки:
- опомена
- одземање на зборот
- отстранување од седницата.
- Мерките ги изрекува претседателот и истите се внесуваат во записникот на седницата.
- Опомена ќе му се изрече на членот на Советот на родители кој со своето однесување, со земање збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор, или со слична постапка го нарушува редот на седницата и одредбите на овој Деловник.
- Одземање на зборот ќе му се изрече на член на Советот на родители кој со својот говор на седницата отстапува од дневниот ред, го повредува редот на седницата и одредбите на овој Деловник или на истата седница веќе двапати е повикан да не го нарушува редот на седницата и одредбите на овој Деловник.
- Отстранување од седницата му се изрекува на членот на Советот на родители кога и покрај изречените мерки опомена и одземање на збор, ја попречува работата на седницата или го навредува Советот на родители или неговите членови, или во говорот употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Советот на родители.
- Членот на Советот на родители може да биде отстранет само од седницата на која го повредил редот.
- Членот на Советот на родители кому му е изречена мерката отстранување од седницата е должен веднаш да се оддалечи од седницата и не може повеќе да присуствува на седницата од која е отстранет.
- Доколку претседателот е тој што го нарушува редот на седницата и одредбите на овој Деловник, Советот на родители со мнозинство од присутните членови на седницата гласа за изрекување мерка од ставовите (2), (4), (5) и (6) од овој член.
- Во случаите од ставот (9) од овој член, водењето на седницата го презема заменикот, а во негово отсуство водењето го презема најстариот член на Советот на родители.
- Ако со редовни мерки не може да го одржи редот на седницата, претседателот, или заменикот претседател, ќе одреди прекин на седницата во траење од 10 до 30 минути, а ако и потоа не може да се воспостави редот, ќе ја прекине седницата и ќе го најави нејзиното продолжение во термин кога ќе се создадат поволни услови за работа.
Член 16
Престанок на мандатот и разрешување на претседателот
- На претседателот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран:
- ако поднесе оставка.
- ако иницијатива за негово разрешување е усвоена со мнозинство од вкупниот број на членови на Советот на родители.
- Секој член може да покрене иницијатива за разрешување на претседателот.
- Советот на родители на првата наредна седница ќе ги констатира причината и денот на престанување на мандатот на претседателот, и тоа:
- во случаите од ставот (1) алинеи 1 и 2, од денот на одржувањето на седницата.
- Нов претседател се избира од редот на членовите на Советот на родители, а гласањето се спроведува со соодветна примена на одредбите на овој Деловник за избор на претседател со јавно гласање.
- Одредбите од овој член важат и за заменик-претседателот.
Член 17
Оставка на претседателот
- Претседателот има право да поднесе писмена оставка и да ја образложи.
- Писмената оставка може да се поднесе и електронски до членовите и до директорот.
- Оставката може усно да се поднесе и образложи на самата седница на Советот на родители.
- По поднесувањето на оставката, Советот на родители на самата седница или првата наредна седница, без расправа, бира нов претседател на Советот на родители.
- Одредбите од овој член важат и за заменик-претседателот.
VI НАЧИН НА РАБОТА НА Советот на родители
Член 18
Свикување на седниците
- Советот на родители одржува седница најмалку еднаш во месецот кои ги свикува претседателот.
- Седница на Советот на родители може да се свика и на барање на најмалку 1/4 од членовите на Советот на родители.
- Ако претседателот не свика седница во рок од 3 (три) дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (2) на овој член, седницата задолжително ја свикува директорот.
- Иницијатива за свикување на седница на Советот на родители може да покрене секој негов член.
- Барањето за свикување седница на Советот на родители се поднесува во писмена форма по електронска пошта до претседателот, членовите и/или директорот. Барањето за свикување седница на Советот на родители мора да биде образложено и придружено со доказ за поддршка од ¼ од членовите на советот.
- Седниците на Советот на родители се свикуваат во работни денови. По исклучок, седницата на Советот на родители, во итни и неодложни случаи, може да се одржи и во неработни денови.
- Седницата се свикува со доставување:
- Покана
- Предлог – Дневен ред
- Работен материјал
најмалку 3 (три) работни дена пред одржување на седницата, кои се доставуваат во писмена форма по електронска пошта. Во исклучителни случаи седницата може да се свика во покус рок од предвидениот и усно без доставување на покана односно работен материјал.
- Седниците може да се реализираат онлајн, во просториите на училиштето или хибридно, со техничка помош и поддршка од училиштето.
Член 19
Кворум за работа
- Советот на родители може да работи и полноважно да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот на родители.
- Ако претседателот смета дека на седницата не присуствуваат доволен број членови на Советот на родители, ќе изврши прозивка.
- Прозивката ќе се изврши и ако тоа го побара член на Советот на родители.
- Ако се утврди дека на седницата не присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот на родители, седницата не може да се одржи, односно ако е веќе започната се прекинува.
- Во случаите од став 4 на овој член, претседателот ја презакажува седницата, со писмено известување упатено до сите членови на Советот на родители.
Член 20
Дневен ред
- Подготовките за свикување на седниците на Советот на родители ги врши претседателот во соработка со членовите и други родители.
- Дневниот ред за седницата го предлага претседателот, а го усвојува Советот на родители на самата седница со мнозинство гласови од присутните членови.
- Секој член може да предложи измени и дополнувања на дневниот ред, вклучително:
- предложениот редослед на точките на дневниот ред да се измени.
- некоја од предложените точки да се симне од дневниот ред.
- дневниот ред да се дополни со нова точка, за која смета дека има потреба од неодложна расправа за неа, при што е должен да ја образложи итноста за тоа.
- Предлогот за дополнување и изменување на дневниот ред се поднесува најрано одма по завршување на претходната седница на совет, а најдоцна 48ч пред одржување на следната седница и содржи образложение на причините поради кои тоа се бара.
- Предлогот за измена и дополнување на дневниот ред се доставува во писмена форма/електронски пат до претседателот и членовите.
- Советот на родители со мнозинство гласови на присутните членови одлучува, без претрес, одделно за секој предлог за измена и дополнување на предложениот дневен ред.
- Доколку е прифатен предлогот за симнување на некоја од предложените точки од дневниот ред, не може да се бара нејзино повторно внесување во дневниот ред во текот на истата седница.
Член 21
Одлучување
- На седниците Советот на родители во рамки на своите надлежности одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, доколку не е поинаку определено со Деловникот.
- Членовите гласаат на тој начин што се изјаснуваат „за“, „против“ или „воздржан“.
- Сите ставови, мислења, заклучоци, препораки и предлози на Советот на родители се усвојуваат со гласање ако за нив се изјасниле мнозинството од присутните членови на Советот на родители на самата седница.
- Гласањето може да биде и електронски и хибридно, доколку има услови за тоа. При електронско и хибридно гласање, за усвоен се смета секој предлог кој добил мнозинство гласови од потребниот кворум за одржување седница.
VII ТЕК И РАБОТА НА СЕДНИЦАТА
Член 22
Седницата започнува со усвојување на записникот од претходната седница и усвојување на дневниот ред.
Член 23
Претресување на точки по дневниот ред
- Расправите и одлучувањето на седниците се врши по точките од дневниот ред.
- Претседателот отвара претрес по секоја точка од дневниот ред.
- Секој член во кој било момент може да побара збор за точката за која е отворен претрес.
- Претседателот е должен да води список на членови кои се пријавиле за збор. Претседателот им дава збор на членовите по редоследот по кој се пријавиле за збор.
- Претседателот во текот на водењето на седницата предлага ставови, мислења, иницијативи, препораки, дава и одзема збор и го одржува редот на седниците.
Член 24
Ограничување и времетраење на излагањето
- Членот на Советот на родители може да говори само по прашање што е на дневен ред.
- Ако членот на Советот на родители се оддалечи од дневниот ред, претседателот ќе го повика да се придржува на дневниот ред.
- Ако членот на Советот на родители и по повторната опомена не се придржува на дневниот ред, претседателот може да му го одземе зборот.
- Претседателот се грижи членот на Советот на родители, кој добил збор, да не биде попречуван во својот говор.
- Членот на Советот на родители може да го опомене или да го прекине во говорот само претседателот.
- Претседателот веднаш ќе му даде збор на членот на Советот на родители кој сака да земе збор во врска со повреда или неправилна примена на одредбите на Деловникот или на утврдениот дневен ред (процедурално прашање).
- Говорот на овој член на Советот на родители не може да трае подолго од 3 минути.
- По излагањето на членот на Советот на родители, претседателот или лице овластено од него е должен да даде објаснување.
Член 25
Записник од седниците
- За работата на седниците на Советот на родители се води записник.
- Записникот содржи основни податоци за работата на седницата, а особено за бројот на присутните и имињата и презимињата на оправдано отсутните членови на Советот на родители и на членовите кои не го најавиле своето отсуство, дневниот ред што е усвоен на седницата, предлозите и одлуките што се донесени и тоа:
- број или редоследот на седницата.
- место, ден и време на одржувањето на седницата.
- број на присутни членови на Советот на родители.
- имиња на отсутни членови.
- имиња на други присутни лица на седницата.
- констатација за усвојување на записникот од претходната седница.
- усвоен дневен ред на седница.
- кратка содржина на секоја дискусија, имиња на лица кои учествуваат во расправата.
- заклучоци донесени по одделни точки од дневниот ред.
- време на завршување на седницата.
- Во записникот се внесуваат резултатите од гласањето по одделни прашања.
- Членот на Советот на родители кој на седницата издвоил мислење, може да побара во записникот да се внесат битните делови од неговата изјава.
- Записникот им се испраќа на членовите на Советот на родители, по правило, заедно со поканата за одржување на наредната седница.
- Записникот од претходната седница се разгледува и усвојува на тековната седница на Советот на родители со мнозинство од присутните членови на Советот на родители.
- На Записникот секој член има право да стави забелешки кои стануваат составен дел од текстот кој се става на гласање.
- Усвоениот записник го потпишува претседателот.
- За составувањето на записникот се грижи записничарот, а за чувањето на оригиналните записници од седниците на Советот на родители се грижат претседателот и записничарот.
Член 26
Откажување на седница
- Закажаната седница на Советот на родители може од оправдани причини да биде откажана или прекината.
- За откажување на одржувањето на седницата претседателот ги известува членовите со образложение за причината и воедно ги известува за променетиот датум и време на одржување на откажаната седница.
VIII КООРДИНАЦИЈА И КОМУНИКАЦИЈА
Член 27
- Заради ефикасна координација на работата на Советот на родители со училиштето, на покана на Советот на родители може да присуствуваат и други лица кои може да допринесат за работата на советот, без право на глас.
- Советот на родители може од Општината како основач да бара податоци што му се потребни за неговата работа.
- Училишната администрација, треба да:
- обезбедување технички услови за одржување на седниците на Советот на родители во училиштето,
- обезбедување дополнителни документи и материјали од Училиштето за исполнување на надлежностите на Советот на родители
- укажуваат стручна помош во изработувањето на предлозите на Советот на родители.
- даваат стручни објаснувања и појаснувања за проблемите на кои Советот на родители работи.
IX ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА
Член 28
Записниците од одржаните седници што ги усвојува Советот на родители задолжително се споделуваат со сите родители од сите паралеки.
Член 29
Известувања
Претставниците и нивните заменици во Советот на родители ги известуваат родителите од нивните паралелки за прашањата што се разгледуваат и за кои се одлучува во Советот на родители, при што развива и користи најразлични форми за известување.
X ИЗМЕНА НА ДЕЛОВНИКОТ
Член 30
- Предлог за изменување и дополнување на овој Деловник може да даде секој од членовите на Советот на родители.
- Измените се сметаат за усвоени доколку за нив гласа 2/3 од вкупниот број на членови на Советот на родители.
XI ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 31
- Со влегување во сила на овој Деловник, престанува да важи секој претходно усвоен текст на Деловникот.
- Овој Деловник влегува во сила со денот на неговото донесување.