Правилник за однесувањето на вработените, учениците, родителите
Член 1
Со овој правилник се утврдуваат основните правила на однесување на вработените,учениците, родителите и трети лица.
Член 2
Со почитување на правилата се обезбедува: успешно одвивање на воспитно образовната работа; подобрување на работната дисциплина; безбедност во училиштето и заштита на училишниот имот.
Член 3
Во училиштето се изградуваат и развиваат меѓусебни односи на разбирање и почитување.
Член 4
Во училиштето не се дозволени активности со кои се загрозуваат, омаловажуваат или дискриминираат поединци или групи по било каков основ.
Член 5
Ученикот има право да ја посетува наставата и да учествува во воспитно образовната работа во училиштето.
Член 6
Ученикот има обврска редовно да ја посетува наставата и да ги исполнува планираните обврски и задачи што се предвидени со наставниот план.
Член 7
Забрането е телесно и психичко малтретирање на ученикот.
Член 8
За учениците кои ги прекршуваат правилата на воспитно-образовната работа се применуваат педагошки мерки што се утврдени со Законот за основно образование (чл.72)
Член 9
Учениците се пофалуваат и наградуваат на начин утврден со Законот за основно образование (чл. 75)
Член 10
Вработените имаат обврска со својата работа, однесување и изглед да придонесуваат за угледот на Институцијата – ОУ
Член 11
- вработените имаат обврска да се грижат за остварување и почитување на правата, обврските и одговорностите на учениците;
- наставникот е одговорен за работната атмосфера, дисциплината и безбедноста на учениците на часот;
- секој училишен проблем наставниците треба да го решаваат навремено, конструктивно,постапно(наставник-ученик,наставник-ученик одделенски раководител, наставник-ученик-родител, наставник-ученик стручна служба);
- одделенскиот раководител е должен да биде во постојана комуникација со родителот, навремено и конкретно да го информира, да бара ангажман и соработка во решавање на проблемите;
- не е дозволено наставникот да отстранува ученици од часот;
- наставникот има обврска да го прими на час ученикот кој доцни и истото да го евидентира;
- вработените имаат обврска редовно и на време да доаѓаат на работа
- наставниците се должни да дојдат во училиште 30 мин. пред почетокот на часот;
- за секое отсуство од работа или предвремено заминување, треба да биде известен директорот;
- вработените треба да доаѓаат на работа прикладно облечени водејќи сметка дека со својот надворешен изглед придонесуваат за угледот на својата професија и воспитно делуваат на учениците;
- наставниците за време на часовите не треба да користат мобилен телефон;
- наставниците и стручните соработници се должни редовно и активно да се вклучуваат во работата на Стручните органи на училиштето;
- непочитувањето на правилата од Чл.10/11 на овој Правилник ќе биде санкционирано согласно Законската регулатива.
Член 12
- ученикот треба да дојде во училиште најмалку 10 минути пред почетокот на часот;
- ученикот кој задоцнил, има обврска да влезе на часот и без да попречува да се вклучи во работата;
- за секое отсуство од часовите ученикот е должен навреме да го извести одделенскиот раководител (или предметниот наставник, стручната служба, директорот);
- ученикот не смее без одобрение од наставникот да го напушти часот;
- ученикот треба културно и коректно да се однесува кон другите ученици, наставниците и вработените во училиштето;
- ученикот треба да се воздржува од употреба на навредливи зборови, поттикнување и учество во тепачки;
- за решавање на проблемите во односот со другите ученици, наставниците или други лица ученикот треба да побара помош од одделенски раководител, наставник, педагог, психолог, директор;
- ученикот треба да биде прикладно облечен, да се грижи за личната хигиена и уредност;
- ученикот не смее да носи опасни предмети и средства кои може да ја загрозат безбедноста во училиштето (спрејови, петарди, камења, шипки,т.н.боксери, ножиња,запалки и др. слични предмети );
- ученикот треба да се грижи за училишниот инвентар;
- за време на часовите ученикот не треба да користи мобилен телефон (мобилните телефони се оставаат во просторот предвиден за нив во секоја училница);
- по завршување на училишните активности и обврски ученикот треба мирно да замине од училиштето и училишниот двор.
Член 13
Секој е одговорен за своите материјални добра во училиштето (лични работи на вработените и учениците)
Член 14
Родителите на учениците и други надворешни лица имаат обврска да ги почитуваат правилата и другите општи акти на училиштето.
Член 15
Родителите и другите надворешни лица при влегување во Училиштето имаат обрска да се пријават кај дежурното лице.
Член 16
Родителите на учениците и други надворешни лица треба да се однесуваат културно и коректно кон учениците и вработените во училиштето.
Член 17
- родителите треба редовно да се интересираат за учењето и однесувањето на своето дете;
- родителите треба да соработуваат со одделенскиот раководител и предметните наставници и редовно да доаѓаат на родителските средби;
- родителите треба училишните проблеми да ги решаваат низ директна и конструктивна комуникација исклучиво со одделенскиот раководител, наставниците, стручната служба, директорот. Не е дозволено родителите да се расправаат со соучениците на своето дете како и со нивните родители.
- родителите се должни навремено да ги најавуваат и оправдуваат отсуствата на своето дете;
- родителите треба да го почитуваат временскиот распоред на часовите и да не влегуваат во училница за време на наставата;
- родителите се должни да го земат своето дете најдоцна до 17 часот, кога завршува дежурството на наставниците од одделенска настава;
- секоја намерно направена штета од страна на ученикот, родителот е должен да ја надомести.