
Димитар
Миладинов
Димитар Миладинов (1810 – 1862) е централна личност на македонската преродба.
Тој е просветител, предводник на народното будење против грчките стремежи за однародување на Македонците во деветнаесеттиот век. Собирач е на народни умотворби, во што му помагале неговите ученици и брат му Константин. Плод на оваа дејност е Зборникот, објавен 1861 год. , дело со голема , повеќекратна вредност: културна, национална, историска.
Еден од првите борци за националното ослободување за сестрано културно и материјално развивање на Македонците. Од него секој Македонец има што да научи. Неговиот пример е пример достоен за следење, тој е најсјајната светилка за сите нас што уште сме без светлина.
Почетоци
Започнува со 639 ученика.
Училиштето е формирано во октомври 1954 година, кога го носи името на народниот херој од НОБ – Иво Лола Рибар, а наставата се одвивала во старата зграда на гимназијата Цветан Димов, позната како машка гимназија.
Повеќе од 30 години училиштето соработувало со училишта од СФРЈ кои го носеа името „Браќа Рибар“: од Белград, Загреб, Брежице, Осиек, Тузла, Бегеч, Никшиќ, Пеќ, Семизовац, с. Табановци.
Химна на ООУ Димитар Миладинов
Еднаш во градот Струга
покрај реката Дрим,
мајка родила чедо
чесен и учен син.
Јас го посеав семето
а вие бидете живи,
да го жнеете вечно
неговиот плод.
Благодарност до тебе
учителу наш,
делото твое е славно
нека ни биде дар.
Јас го посеав семето
а вие бидете живи,
да го жнеете вечно
неговиот плод.
*Стојка Даскаловска
Во денешната зграда училиштето работи од 1960 година. Од 1961 година, по предлог на д-р Иван Рибар, таткото на Иво и Јурица, го носи името Браќа Рибар.
Во март 1994 г. се промовираше новото име на училиштето: Димитар Миладинов. За нашиот патрон беше компонирана химна: музика- Ристана Николова, наставник по музичко образование; текст – Стојка Даскаловска, наставник по македонски јазик. Се изработи историско катче, беше изработена биста од вајарот Бранко Јакшиќ, портрет од сликарот Благоја Николовски и започна да се празнува Денот на училиштето на Митровден.
Забавишна група е отворена во 1960 година.
Во 1965/66 година е воведен дневен престој за учениците.
Во 1970/71 година експериментално е воведена целодневна настава во едно прво одделение, а во 1974/75 целодневната настава е воведена од 1 до 4 одделение, со што училиштето се вбројува меѓу првите училишта во Македонија со овој вид на организација на воспитно-образовната работа.
Во пролетта 1990 година е формирано училишното еколошко друштво „Фиданки“, кое реализираше многу активности за развивање на еколошката свест и култура кај младите генерации.
Во 2004/2005 година почна со реализација проектот за учење на француски јазик од прво одделение.
Во 2006/2007година почна со реализација проектот за учење на руски јазик од прво одделение.
Во 1991 година беше воспоставена соработка со училиште од градот Брасак во Франција.
Во периодот од 2004 до 2008 година беше обновена соработката со основните училишта: ОУ Краљ Петар Први од Белград и ОУ Брежице од Брежице, кои во минатото го носеле името Браќа Рибар.
Со цел размена на искуства преку проектни активности, дружење и афирмација на македонската традиција и култура училиштето соработува со училишта од повеќе европски земји – Русија, Романија, Бугарија, Белгија, Србија, Хрватска и Словенија.
Работното место стручен соработник – педагог постои од 1978 година, а стручен соработник – психолог од 1989 година.
Училишната библиотека е формирана во 1958 година. Денес има фонд од околу 14000 книги.
Забна амбуланта во училиштето работи од 1970 година.
